ПОРЕМЕТУВАЊА НА ИСХРАНУВАЊЕТО (БУЛИМИЈА, АНОРЕКСИЈА, ПОКАЧЕНА ТЕЛЕСНА ТЕЖИНА)
МУЛТИДИСЦИПЛИНАРНОСТ ВО ПРЕВЕНТИВАТА-МУЛТИДИСЦИПЛИНАРНОСТ ВО ПРИСТАПОТ

Во склоп на пореметувањата на исхраната по MKB-10 F-50 вклучени се:
 F-50.0 Anorexia nervosa;
 F-50.1 Атипична anorexia nervosa
 F-50.2 Bulimia nervosa
 F-50.3 Атипична bulimia nervosa
 F-50.4 Претерано земање на храна здружено со други психолошки тегоби
 F-50.5 Повраќање здружено со други психолошки тегоби
 F 50.8 Други пореметувања на исхраната
 F 50.9 Пореметувања на исхраната, неспецификувано
Порастот на бројот на пациенти со пореметување во исхранувањето како и алармантноста на нивната психолошка и телесна загрозеност за која е неопходно потребна тимска работа претставува поттик да се споделат искуствата со колегите(здравствени работници) како и претставниците од основните и средни училишта кои доаѓаат во непосреден контакт со популацијата кај која постои ризик за појава на пореметување на исхранувањето. Сето тоа со една цел вклучување на тимот во превентива и во лекувањето”.
Ритуалот на обредувањето во нашето поднебје ги носи своите специфичности како еден индивидуален, семеен и социјален чин. За воспоставување на адекватни превентивни програми неопходна е проценка на индивидуалната предиспонираност и влијанието на негативните семејни и социјални чинители.
Проценка на влијанието на семејните и социјалните чинители како тригер фактори значајна е за повеќе профили на професионалци, особено оние кои се вклучуваат во превентивните програми: семејниот лекар, матичниот лекар, педијатар, гинеколог, психијатар, психолог, педагог, нутриционист, верските учители, наставниците од основните и средните училишта(особено оние кои имаат сенс да пријдат кон ученикот и да го поттикнат ученикот да им пријде) во зависност од интересите на адолесцентот. Превентивата дава можност на сите добронамерни и обучени професионалци да бидат дел од континуираната комуникација и споделувањето на меѓусебното искуство. Семејството, наставниците, образовно-воспитните групи во кои младите го минуваат слободното време (спортот, музиката, сликање, совладување на странски јазици, танцување...) се приоритетни во раното детектирање за евентуална предиспонираност кон некои од пореметувањата во исхранувањето.
Особено треба да се посвети внимание кај адолесцентната популација која има чувство на неадекватност, симптоми од невротска природа: разочараност во себе, ниско ниво на самодоверба и песимистички ставови во однос на иднината.
Аноректичното поведение го сретнуваме кај “добрите деца”, трудољубивите, со висока доза на перфекционизам кои тежнеат кон одобрување од страна на другите, грижливи се, сакаат да бидат посебни, надвор од стандардите на просечното, обидувајќи се да ја постигнат целта со губење на телесната тежина. Треба да се обрне внимание кон машката адолесцентна популација. Девојчињата доминираат процентуално, но бројот на момчињата е во пораст.
Популацијата со булимично однесување вообичаено се придржува на ригидни животни принципи, со висок степен на незрелост, егоцентричност и сугестибилност. “Неприлагодените групи” со голема потреба за социјални интеракции која не е задоволена на соодветен начин. Склони се кон злоупотреба на психоактивни супстанции: алкохол, тутун и другите дроги, промискуитетно однесување како дел од потрагата за љубов.
Трендот на виткоста и стигматизавијата на гојазноста го чини своето. Покачената телесна тежина во адолесцентниот период води кон пад на емоционална и животна енергија, чувство на бесперспективност, пад на либидото, покачување на апетитот, нарушување на сонот.
Тимот вкличен во превентивните програми треба да препознае: адолесценти со потекло од презаштитнички ригиден родителски субсистем неадекватен при разрешување конфликти; семејства со високо ниво на очекувања врзани за успех и напредок; адолесценти кај кои мајката боледувала од некое од пореметувањата во исхранувањето; родители преокупирани со нивните професионални обврски кои не присуствуваат на важните настани за детето чинејќи тие да се чувствуваат помалку значајни; разделби во семејството како и прекин на комуникации со родителите; адолесценти кои живеат во опкружување кое инсистира да се контролираат негативните чувства и казнува екстернализација на емоциите; напуштање; развод; губиток на родител.
Нашите професионални искуства укажуваат дека и покрај превентивните програми кои се спроведуваат на територијата на Р. Македонија, со поголем или помал континуитет, се соочуваме со процесот на лекување во кој повторно е неопходно потребна тимска работа: медицински третман со цел да се купираат телесните и психолошките компликации.
Мултикаузалноста на етиопатогенетските механизми кај пореметување на исхранувањето промовира мултидисциплинарност во лекувањето.
Доколку е неопходно потребно болничко лекување, грижата за тоа ја преземаат одделите за интензивна нега и лекување, а психијатриско-психолошата служба е дел од тимот кој дава конзилијарна поддршка. Како дел од интензивниот вонболнички програм приоритетната поддршка на пациентот ја даваат психијатрите, гинеколозите, нутриционистите, матичните и семејните лекари, спортските работници, верските учители.
Во справување со пореметувањата во исхранувањето тимската работа е неопходна во процесот на превентивата и во процесот на лекувањето.
Унапредувањето на здравјето значи борба за ментално и телесно здравје, наспроти традиционалната борба против болеста”.

 

 

"СОВРЕМЕНИ УПАТСТВА ВО ТРЕТМАНОТ НА АКУТЕН ИСХЕМИЧЕН ЦЕРЕБРОВАСКУЛАРЕН ИНСУЛТ" Доц.д-р.Наталија Долненец - Банева Предавање 09.12.2011